Карено-Буста му зеде сет, но Ѓоковиќ закажа полуфинале со Циципас на Ролан Гарос

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на гранслем – турнирот Ролан Гарос, откако со 3-1 во сетови го совлада Пабло Карено-Буста. Шпанецот го освои првиот сет што е прв загубен за Ѓоковиќ на досегашниот пат на турнирот во Париз, но потоа најдобриот светски рекет покажа зошто е на врвот. Лесно стигна до десеттото полуфинале на Ролан Гарос во кариерата.

Откако Карено – Буста го доби првиот со 6-4, Ѓоковиќ одговори со 6-2 во вториот сет. Третиот исто така го комплетираше лесно со 6-3, а низата продолжи во четртиот сет во кој му дозволи четири гема на ривалот. Ѓоковиќ во полуфиналната пресметка ќе се сретне со Гркот Стефанос Циципас кој со 3-0 во сетови беше подобар од Андреј Рублев од Русија.

Во другото полуфинале, Рафаел Надал ќе ги одмери силите со Аргентинецот Диего Шварцман.

Се вчитува...