Карик: Жал ми е за фудбалерите, не за мене…

Мајкл Карик не делува како човек кој има идеја како да го извлече Манчестер јунајтед од големата криза откако „црвените ѓаволи“ попладнево беа прегазени на домашен терен од Борнмут со 0-3.

Овој пораз најверојатно ќе ја запечати судбината на Карик, кој не го криеше разочарувањето на крајот од натпреварот, иако беше со аплаузи испратен од домашните фанови на „Олд Трафорд“.

„Беше тежок ден, навистина тежок, Момците влегоа во мечот со најдобри намери, со желба да победат, но видоа колку е тешко. Беше тензично,нервозно, сето тоа внесе несигурност и уште повеќе ни ја отежни работата. Примивме два гола пред самиот крај на полувремето и тоа искомпликува се, првиот гол беше по досуден фаул иако не беше допрен противнички фудбалер, вториот по грешката на Јоро, кој се лизна… Искрено ми е жал за фудбалерите, воопшто не жалам за мене, туку само за нив, бидејќи ги гледам колку труд вложуваат секој ден, но никако не успеваат да стигнат до резултатот што го посакуваат“, изјави Карик.

Тој се осврна и на одлуката капитенот Бруно Фернандеш да го следи целиот дуел од клупата за резерви.

„Бруно е фит и можеше да игра. Ние решивме да почнеме со поинаква формација. Секако, сите посакувавме поинаков исход од овој конечниот“, прокоментира стратегот на „црвените ѓаволи“.

Се вчитува...