Лорис Кариус очекувано е во центарот на вниманието на британската јавност по катастрофалниот настап и двата подарени голови на Реал Мадрид во големото финале од Лигата на шампионите. Покрај зборови на поддршка, до неговите профили на социјалните мрежи пристигнуваат и бројни навреди, па дури и смртни закани поради што полицијата во Ливерпул е принудена да реагира.
„Сакаме да ставиме до знаење дека интензивно ја следиме состојбата околу Лорис Кариус и заканите упатени на негова адреса. Ова е многу сериозна ситуација и ќе ги преземеме неопходните чекори“ – објавија од полицијата.
Експедицијата на „црвените“ во меѓувреме се врати назад во Ливерпул, а Кариус веднаш по слетувањето уште еднаш им се извини на навивачите за својот ужасен настап во Киев.
„Се уште немам заспано, истите слики ми се вртат во главата, повторно и повторно. Премногу ми е жал за сите соиграчи, за вас навивачите и за целокупниот персонал во тимот. Знам дека јас сум виновникот, направив две грешки и сите ве изневерив. Да можам би го вратил времето, но тоа не е возможно. Криво ми е бидејќи чувствувам дека можевме да го победиме Реал Мадрид доколку не беа моите киксови. Благодарност до сите фантастични навивачи кои ми даваа подршка, дури и по мечот, тоа е доказ колку големо семејство е Ливерпул. Благодарност до сите и порака – ќе се вратиме посилни“ – порача Лорис Кариус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА