Рафаел Надал е подготвен и со нетрпение го очекува почетокот на завршниот Мастерс турнир во Лондон, тврди тренерот на шпанскиот тенисер, Карлос Моја. Надал изминатите недели имаше проблеми со повреда на коленото, што го доведуваше во прашање и неговиот настап во Лондон, но Моја тврди дека Надал ќе игра во Лондон и ќе атакува на единствената титула што му недостасува.
„Очекував Рафа повторно да се врати на првото место. Не сум изненаден бидејќи видов дека тренира како порано, со многу страст. Неговиот тенис, но и умот го донесоа повторно на првото место“ – вели Моја.
Надал имаше извонредна сезона, ја освои јубилејната 10.титула на Ролан Гарос, нова титула на УС Опен како и титулите на Мастерс турнирите во Мадрид, Монте Карло, Пекинг и во Барселона. Поради проблеми со коленото Шпанецот мораше да се повлече од турнирот во Базел, подоцна и да го предаде четвртфиналниот дуел против Филип Краиновиќ на Мастерсот во Париз. Но, неговиот тренер тврди дека тоа било повеќе од претпазливост за да може подготвен да го дочека завршниот турнир во Лондон.
„Рафа е потполно фит, како и неговото колено. Реши да се повлече затоа што не сакаше да ризикува. Ќе биде максимално концентриран на турнирот во Лондон затоа што тоа е единствениот голем турнир од кој нема титула“ – истакнува Моја.
Рафаел Надал во Лондон ќе игра во групата „Пит Сампрас“ заедно со Давид Гофан, Доминик Тим и со Григор Димитров. Во групата „Борис Бекер“ се: Роџер Федерер, Александар Зверев, Марин Чилиќ и Џек Сок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА