Бранителот на титулата во автомобилска конкуренција, Шпанецот Карлос Сајнц, по втората етапа се повлече од релито Дакар во Саудиска Арабија.
Сајнц и неговиот совозач Лукас Круз претрпеа превртување во неделата во првиот дел од 48-часовната втора етапа на релито. За време на несреќата тие сериозно го оштетиле Форд Раптор, но во понеделникот успеале да ја завршат етапата со заостанување од час и 35 минути зад лидерот.
Но, при преглед на автомобилот е утврдено дека штетата предизвикана од несреќата е „терминална“, бидејќи зафатила елемент кој не може да се поправи.
„Вчера изгубивме многу време поради несреќата. Потоа повторно се изгубивме, а утрово ни пукна гума и потоа изгубивме многу време повторно. Тоа беа два дена за заборав“, рече Сајнц.
По минувањето на целта, техничкиот комитет го прегледа болидот на Сајнц, ставајќи посебен акцент на комплетот цевки кои ги штитат возачот и патникот. Техничките стјуарди на ФИА оценија дека овој дел е оштетен и не му дозволија на Форд Рапторот на шпанската двојка да ја продолжи трката.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА