Карлос Сајнц на Мини е победник на првата етапа на најпознатата рели трка во светот Дакар. Етапата од Џеда до Биша во должина од 623 километри Шпанецот ја помина за време од 3:05:56 часа, што беше за 25 секунди подобро од најтрофејниот возач во историјата на трката, Стефан Петерхансел.
Третото место му припадна на Чехот, Мартин Прокоп на Форд кој доцнеше 3:18 минути зад времето на победникот. Победникот на вчерашниот пролог Ал Атијах денеска заврши на 10. место со заостанување од дванаесет и пол минути зад времето на победникот. Со победата Сајнц го презеде лидерското место во генералниот пласман со 8 секунди предност пред Петерхансел и скоро три минути пред Прокоп.
Во конкуренција на мотоциклисти триумфираше Тоби Прајс на КТМ, пред Кевин Бенавидес на Хонда и Матиас Волкнер исто така на КТМ. Утре на програмата е втората етапа која е со должина од 685 километри, а ќе се вози од Биша до Вади Ад-Давасир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА