На тимот на Карпош соколи ќе му биде неопходна голема поддршка од трибините на дуелот од првото коло од Лигата на шампионите против естонскиот првак Калев (19 септември, 17 часот), па поради тоа раководството на македонскиот првак објави дека влезот за оваа средба ќе биде бесплатен.
„Управата на Карпош Соколи би сакала да ја извести пошироката спортска јавност во Македонија дека влезот за претстојниот меч против естонски Калев во рамки на првото квалификациско коло од Лигата на шампионите на ФИБА ќе биде – бесплатен. Воедно, би сакале да ги повикаме нашите навивачи, симпатизери, но и сите други спортски вљубеници кај да дојдат на 19 септември во салата „Борис Трајковски“ (почеток во 17 часот) за да им ја дадат неопходната помош на избраниците на тренерот Борче Даскаловски. Наша желба е со здружени сили да дојдеме до драгоцената победа, но и до солидна предност која делумно би ни ја олеснила работат пред реваншот во Талин“ -истакнуваат од раководството на „соколите“.
Првиот меч се игра во Скопје на 19 септември, додека реваншот е закажан за 21 септември во Естонија. Подобриот од овој двомеч во втората квалификациска рунда за ЛШ ќе се сретне со првакот на Унгарија, Алба Фехервар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА