Карпош соколи лани имаше историска сезона со трофејот во Купот на Македонија и пласман во финалето од плејофот, но актуелниот вицешампион сега се бори за својата егзистенција. Огромните финансиски проблеми придонесоа сите странски кошаркари, како и македонските репрезентативци да си заминат, па првиот човек на клубот, Огнен Дедиќ, сега бара излез од големата криза, за да не дојде до згаснување на овој спортски колектив. Покрај домашните обврски, „соколите“ в среда ќе го завршат и својот настап во Еврокупот на ФИБА, со домашен натпревар против Фалко на кој македонскиот тим ќе настапи само со седум кошаркари.
Едно е сигурно, Карпош соколи најмалку до крајот од годинава ќе продолжи со настапи, и тоа со деца од својата школа, за да се избегне најцрното сценарио. Згора на тоа, „соколите“ во рок од 24 часа ќе треба да одиграат две средби, најпрвин во Гевгелија против Блокотехна, а потоа и во рамките од Еврокупот на ФИБА ќе следи мечот против Фалко во Скопје.
„Се бориме за да преживееме, ќе видиме што ќе излезе од целата ситуација. Во македонското првенство ќе продолжиме со играчите кои ги повлековме од нашата младинска екипа. Проблемот е поголем за мечот со Фалко, за кој имаме само седум кошаркари. Од оние кои првично беа пријавени останаа само тројцата најмлади, а сега имавме право да пријавиме само четири нови играчи. Поради тоа, принудени ќе бидеме да играме само со седум кошаркари во ростерот“ – вели тренерот Ангел Тасевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА