Родри со извонредните игри за Манчестер Сити веќе се докажа како најдобар фудбалер на светот на својата позиција (последен играч за врска), а асот на „граѓаните“ летово блеска и на репрезентативната сцена.
Токму тој е меѓу најзаслужните што Шпанија стигна до големото финале на ЕВРО 2024 притоа не бележејќи ниту еден пораз, а леснотијата со која Родри игра го прави омилен меѓу соиграчите. Така, десниот бек Дани Карвахал во денешното интервју за една шпанска телевизија обелодени дека упорно го убедува Родри да си замине од Манчестер и да му се приклучи во Реал Мадрид.
„Секој ден го убедувам Родри да потпише за Реал Мадрид. Буквално секој ден од овој шампионат му велам, оди си од Манчестер, таму нема сонце, дојди во Мадрид. Дефинитивно таков играч ни е потребен во тимот, тој би бил перфектен фудбалер за Реал Мадрид. Ми вели дека има договор со Манчестер Сити, а јас само му повторувам дека би бил перфектно засилување за Реал“, изјави Карвахал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА