Касами: Секогаш играме добро со Шкендија, време е за ново финале во Купот

Екипата на Струга ТЛ е на прагот на ново финале во Купот на Македонија, по она во 2023 година. Утре од 16 часот во Струга гостува Шкендија. Стружани имаат предност од 2-1 по првата средбата во Тетово, која сега ќе мора да ја сочуваат ако сакаат финале во најмасовното домашно клупско натпреварување.

Токму таа победа во Тетово од 1-2 дава голема надеж за пласман на стружани во големото финале.

„Победата на првиот меч во Тетово несомнено ни дава голем оптимизам за реваншот, кој утре го играме пред нашите навивачи. Се подготвивме максимално за овој натпревар, знаејќи ја важноста и тежината што ја има за нас како екипа“ – вели Ард Касами.

Струга ТЛ, и статистички погледнато, секогаш игра добри натпревари против Шкендија.

„Силно веруваме дека овогодинешниот Куп ќе дојде во Струга и на овој начин ќе оддадеме почит и благодарност на сопствениците на клубот за сите жртви што ги дадоа и ги даваат за нас како играчи, но и за целиот клуб, а ќе оддадеме со тоа и почит за сите стружани и овој прекрасен град Струга, за сета поддршка која ни ја даваат“ – дополнува Касами.

Се вчитува...