Каша-попара во Динамо Киев: Луческу дојде, си поднесе оставка, па на крајот се премисли

Доаѓањето на Мирчеа Луческу на клупата на Динамо Киев предизивка тотален хаос во украинскиот фудбал, откако трофејниот стратег на Шахтјор реши да се пресели на кормилото на лутиот ривал од главниот град на Украина. Први гласот го кренаа најверните навивачи на Динамо Киев, кои извршија притисок врз романскиот стручњак, за синоќа да се појави информација дека Луческу воопшто нема да допатува во Киев.

„Благодарен сум на Динамо за довербата, но не можам да се посветам на работата во непријателска атмосфера“, беше наведено во соопштението на Луческу.

Сепак, нов пресврт се случи откако неговиот агент Аракадиј Запорјану обелодени дека Романецот сепак ќе допатува во Киев.

„Тоа беше приватно писмо на Мирчеа што некако стигнало до новинарите. Проблемите кои постоеја во меѓувреме се решени, така што Луческу ќе седне на клупата на Динамо“, објави Запорјану.

Првиот човек на Динамо Киев, Игор Суркис, исто така објави дека очекува Романецот во најскоро време да пристигне во украинската метропола.

„Нашите навивачи на крајот ќе разберат. Ние доведовме одличен стратег. Тој не дојде директно од Шахтјор“, порача Суркис.

Сепак, најверните фанови на Динамо остануваат на ставот дека Романецот треба што поскоро да си замине од нивниот клуб.

„Мирчеа, треба да разбереш – овде нема нормално да работиш. Тоа што ќе се појавиш во Киев на 28 јули е знак дека те интересираат само парите, а поради тоа успеа да ги скараш и навивачите и управата на клубот. Ние не се откажуваме, не само што ти ветуваме „допло добредојде“, туку и ти гарантираме дека ова ќе ти бидат најтешките милиони што ги имаш заработено во кариерата. Во Киев никогаш нема да бидеш добредојден како во Доњецк и никогаш нема да ти ги заборавиме зборовите дека Украина и Русија се една земја. За нас честа, гордост и историјата се поважни од парите и медалите“, порачаа фановите на Динамо преку официјално соопштение.

 

 

Се вчитува...