Навивачите на Јувентус имаат причина за славје откако денеска судот пресуди во корист на најтрофејниот италијански клуб, прифаќајќи ја жалбата по одземените 15 бода на „старата дама“за наводно лажирање на финансиските извештаи.
Судот одлучи дека во текот на постапката против Јуве имало низа пропусти, по што го врати целиот случај на реевалуација. Нема сомнеж дека Фудбалската Федерација на Италија нема да се откаже од намерата да го санкционира гигантот од Торино, така што циркусот во италијанскиот фудбал ќе продолжи и во периодот што следи.
Сепак, италијанските медиуми најавуваат дека со оглед на роковите во врска со апелацијата и новиот процес, речиси невозможно е се да биде завршено до крајот на оваа сезона. Затоа, се очекува Јувентус да го заврши овој шампионат со регуларниот број на освоени бодови, а казната што ќе му биде изречена да се однесува на стартот на новата сезона.
Меѓу аргументите, судот јавно праша зошто казната изнесувала дури 15 бода, иако обвинителот Џузепе Чине при излагањето барал одземање на девет бода од салдото на „старата дама“. Исто така, судиите се сомневаат во исправноста на процесот поради изборот на обвинителите решиле да ја обноват само истрагата против Јувенус, откако во април 2022 година пропаднал случајот за ист престап во кој биле истражувани 11 клубови и 59 спортски работници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА