Кашемиро се претвора во играч за големи натпревари на Реал Мадрид, откако по погодокот во финалето од ЛШ против Јувентус се запиша меѓу стрелците и вечерва, на европскиот Суперкуп што се играше во Скопје. Бразилецот не го криеше задоволството по новиот освоен трофеј, со кој „кралевите“ продолжија да испишуваат историја како прв тим што по долго време успеал да освои два пехари по ред во ова натпреварување.
„Играв добро, дадов гол, но не е коректно да се зборува за мене или за Иско, бидејќи Реал Мадрид е поголем од еден или двајца играчи. Сите ние сме Реал Мадрид и заедно испишуваме историја. Ова беше одличен натпревар против силен ривал кој исто така ја посакуваше победата, но верувам дека ние заслужено го креваме пехарот“ – истакна Кашемиро.
Бразилскиот играч за врска се најде во офсајд ситуација при голот, но судиите не го забележаа тоа и погодот беше признат.
„Ако навистина сум бил во офсајд, работа на судиите е тоа да го забележат. Помошникот требаше да реагира, јас едноставно реагирав најдобро што можев во ситуацијата. Тоа беше убав гол“ – изјави Кашемиро по натпреварот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА