Поранешните голман и тренер на Реал Мадрид, Икер Касилјас и Жозе Мурињо си ја продолжија војната на зборови по една година пауза.
Како што е познато, двајцата се скараа за време на третета сезона на Мурињо во Реал по што Португалецот го премести на клупата. Мурињо по мечот изјави дека Адан е подобар голман од Икер што јасно стави до знаење дека „тиквата е пукната“.
Вербалната војна ја водеа и месеци потоа, па ете по неколку месеци пауза очигледно дојде време за нова епизода… Овој пат се почна Касилјас кој даде брутално искрено интервју.
„Дојде само да се натпреварува со Барселона и со самото тоа внесе огромна напнатост и нервоза во клубот и тој ‘мадридизам’ за кој и тогаш зборував дека не ми е мило што излезе на површина. Имаше и граница која ја премина во односот со мене и преку која не сакав да поминам. Иако ја освоивме Ла Лига едноставно односите меѓу многу луѓе внатре во клубот беа нарушени само поради него“ – изјави Икер и дополни:
„Нашиот однос не беше добар ни за него, ни за мене, ниту за клубот. Сега, од денешен агол, мислам дека ако повторно ми се случи нешто такво ќе се соочам со Мурињо и ќе се спротиставам. Но, во тоа време одлучив да бидам тим и на тој начин да ги почитувам вредностите на Реал Мадрид“.
На сите овие прозивки од Икер Касилјас веднаш одговори и Жозе Мурињо во интервјуто за португалски „Рекорд“…
„Ова ми изгледа како интервју на некој кој е на крајот од кариерата. Кога вели дека никогаш не ми се спротиставувал не е точно. Ми се спротиставуваше и тоа на начин кој никој не го знае подобро од него… Тајно, расипано, зад грб“ – истакна Мурињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА