Тинекс Пролет прокнижи нови бодови во ракометниот плејоф на Македонија откако денеска славеше на домашен терен против Еурофарм Работник со 27-25. Зоран Кастратовиќ дебитираше на клупата на Тинекс Пролет, но тимот одигра две дијаметрално спротивни полувремиња, првото во кое целосно доминираше и второто во кое целосно си ја искомпликува ситуацијата, но за среќа стигна до победата која е исклучително важна во трката за излез во ракометна Европа.
Организираноста во одбраната беше клучен фактор уште од самиот почеток на мечот, создавајќи им огромни проблеми на гостите од Битола да создадат лесна ситуација за постигнување на погодок. Петар Ангелов повторно беше сигурен на голот на Тинекс Пролет, давајќи дополнителна сигурност на соиграчите. Само петнаесетина минути траеше отпорот на Еурофарм Пелистер 2, по што домашниот состав заигра поефикасно во нападот, постигнувајќи голови во серија и успевајќи резултатски да се одлепи. Ангелов одличното полувреме го заокружи со одбранет пенал во 30. минута, по што Тинекс Пролет на одмор замина со убедливо водство од 16-9.
Џонов постигна гол за 17-9 на почетокот од второто полувреме, но веднаш штом забележа мало олабавување и намалување на водството на 18-13, Кастратовиќ веќе во 36. минута го побара првиот тајмаут во полувремето. Гостите ја продолжија серијата намалувајќи на 18-16, за конечно патот до мрежата на битолчани да го најде Пецаковски. Потоа два гола од крило постигна Палевски, но Еурофарм 2 не се откажа и на десет минути до крајот резултатот гласеше 23-21. Кризата уште повеќе се продлабочи, па четири минути подоцна гостинскиот тим од пенал стигна до израмнување (23-23).
Финишот беше крајно неизвесен се до последната минута, кога Пецаковски погоди пенал за 26-25. Во следниот напад гостите ја загубија топката, па Ангелов погоди од гол на гол и ја осигура победата. Искусниот голман стави печат на триумфот со одбранет пенал на 20 секунди до крајот, за нова победа на Тинекс Пролет во плејофот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА