Катаи е новата „десетка“ на Црвена Звезда

Црвена Звезда успеа да осигура големо засилување за европските квалификации откако го комплетираше трансферот на Александар Катаи. Крилниот офанзивец ја почна кариерата во Војводина, а потоа најдобрите моменти ги мина во дресот на Црвена Звезда, освојувајќи ја со овој тим титулата во сезоната 2015/16. Тој досега има 57 настапи во дресот на Црвена Звезда, притоа постигнувајќи 25 погодоци.

„Црвено-белите“ го продадоа Катаи во Алавес, по што напаѓачот во 2018 година се пресели во САД. Авантурата во МЛС-лигата ја почна како член на Чикаго, потоа се пресели во ЛА Галакси, а договорот со овој клуб неодамна му беше раскинат поради коментарите на неговата сопруга во врска со протестите по убиството на Џорџ Флојд.

Српските медиуми обелоденија дека „црвено-белите“ го „убедиле“ Катаи на камбек на „Маракана“ нудејќи му плата од 480.000 евра по сезона, плус богати бонуси за влез во групната фаза од европските купови, како и за секој освоен трофеј во дресот на Црвена Звезда.

 

Се вчитува...