ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонија денеска го игра претпоследниот натпревар на СП 2025 на кој нашите ракометари за противник ќе ја имаат селекцијата на Катар (15.30 часот).
Станува збор за ривал со кого имаме одиграно еден натпревар, наша победа на СП 2013 во Севилја, но работите сериозно се променија во изминатите 12 години. Катарците пред една деценија имаа сериозна инвестиција во ракометот, правејќи моќен тим за мундијалот чии домаќини беа во 2015, кога стигнаа и до големото финале.
Таа ракометна еуфорија сега спласнува, долгогодишниот селектор Валеро Ривера го напушти кормилото, а на негово место пристигна за нас познато име – поранешниот македонски селектор и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ.
Вујо го почна процесот на смена на генерации што се уште трае, па така дресот на Катар на ова СП за последен пат на едно големо натпреварување го носат Рафаел Капоте и Жарко Марковиќ. Капоте со години беше клучен играч на оваа селекција, но „бомбардерот“ во мај ќе наполни 38 години и јасно е зошто Вујовиќ не му дава преголема минутажа. Клучен играч е уште еден Кубанец со катарски пасош, Франкис Марзо кој беше најдобар стрелец на СП 2021 во Египет (58 гола), а две години подоцна поради повреда на настапи на Мундијалот во Полска и Шведска.
Тој е играч со убедливо најмногу шутеви кон противничкиот гол (52, од нив 28 погодоци), речиси двојно повеќе од следниот на листата, Жарко Марковиќ со 27 (18 погодоци) и јасно е дека Македонија ќе мора да најде начин да го неутрализира главното оружје на Катарците ако сака да стигне до позитивен резултат. Двоцифрен број на голови по првите четири одиграни средби покрај Марзо и Марковиќ има само уште еден играч, левото крило Ахмад Мадади со вкупно 12 погодоци на овој шампионат, но Мадади поради повреда ќе го пропушти денешниот меч.
Станува збор за ривал кој дефинитивно не е слаба селекција, но Македонија со игри какви што прикажува на овој шампионат дефинитивно ќе може да се бори за позитивен резултат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА