Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================
ТЕМА НА ДЕНОТ: Четирикратниот светски шампион на две едноподруго светски првенства не ја минува групната фаза!
Фудбалот очигледно повеќе не е игра во која сите играат но на крајот секогаш победува само Германија! Цели 80 години Германија секогаш ја минуваше групната фаза на светските првенства се до претходниот Мундијал 2018 во Русија, а сега на две едноподруго светски првенства Германците не успеваат да минат групна фаза.
Огромна сензација, без сомнение, е раната елиминација на четирикратниот светски шампион. Но, Јапонија со триумфот од 2-1 над Шпанија, ја елиминираше Германија која досега во историјата само двапати не успеала да мине групна фаза, во 1938 година и во 2018 година. Па, ете и сега во Катар 2022.
И низ претходниве денови во Катар беше јасно дека европските репрезентации не носат онаква доминација каква што беше природна низ годините на минатиот век, па и првата декада од овој век, па по елиминацијата претходно на Велс и Данска, денеска елиминирани уште два големи фаворити за висок пласман, Белгија и Германија.
Во 1938 година, Германија беше елиминирана од Швајцарија во директен нокаут-формат. Првиот натпревар меѓу двата тима тогаш заврши без победник 1-1, за да Швајцарија во репризата слави со 4-2 и се пласира во четвртфиналето. Од тогаш, Германија никогаш не успеала да заврши послабопласирана од седмото место на ниту едно од 16-те светски првенства на кои учествувале, се до Мундијалот 2018 во Русија, па ете сега и со реприза во Катар.
Сигурно изненадување е и елиминацијата на Белгија која со ремито без голови со Хрватска остана без осминафинале. Очекувањата на светските фудбалски аналитичари беа дека од Групата Ф, Белгија и Хрватска ќе продолжат во осминафиналето, но Мароко со својата игра на трите натпревари повеќе од заслужено се најде во нокаут фазата.
А, европскиот континент утре ќе остане без уште една квалитетна репрезентација, затоа што веќе е јасно дека во Групата Г во директен дуел Швајцарија и Србија ќе одлучат кој ќе продолжи понатаму, а кој си оди дома!
ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Јапонците се „топтан“ херои на денот!
И со триумфот по пресврт против Германија, Јапонците ги освоија срцата на светот, издвојувајќи се по начинот на борба, желба за игра и мотивација за триумф против голем фаворит. Сега, повторно потврдија дека умеат да се изборат за својата победа, кога се ќе се сумира на крајот заслужено пред Германија патувајќи во осминафиналето на Мундијалот 2022.
Па затоа и „топтан“ се херои на денот по победата од 2-1 и против Шпанија. Иако имаа негатива од 0-1 на полувремето, со головите на Доан во 48. минута и Танака во 51. минута стигнаа до триумф кој ги одведе во нокаут фазата.
РЕКОРД НА ДЕНОТ: Мануел Нојер е голман со најмногу настапи на Мундијалите
Голманот на германската репрезентација, Мануел Нојер се запиша во аналите на светските првенства станувајќи со 36 години голман со најмногу настапи на мундијалите. Натпреварот со Костарика за него беше 19-ти на најголемите светски натпреварувања.
Нојер сега ги мина сонародникот Сеп Мајер, светскиот шампион од 1974 година, како и Бразилецот Клаудио Тафарел, кој стигна до трофејот со Бразил во 1994 година кои имаат по 18 натпревари на мундијалите.
КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Белгија првпат во 21. век не успева да мине група на СП
Белгија првпат во 21. век не успеа да ја мине групата на едно светско првенство. Мундијалот во Катар за Белгијците е шести шампионат во овој век и за првпат не успеаја да се пласираат во нокаут-фазата. Во групата со Мароко, Хрватска и Канада, Белгија на крајот заврши на третата позиција.
ФОТО НА ДЕНОТ: Лукаку е трагичар на денот!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА