Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================
ТЕМА НА ДЕНОТ: Роналдо веќе има наследник во Португалија – Гонсало Рамош!
Кристијано Роналдо полека ја згаснува својата моќна „фудбалска ѕвезда“…. Согласно начинот на кој неславно се раздели со Манчестер јунајтед, па сега очигледно насочувајќи ја клупската кариера кон клуб за рекреација, а ако се погледне и пораката која е испратена со фактот дека од клупата го стартуваше и осминафиналниот дуел на Португалија против Швајцарија, јасно е дека големиот Роналдо неминовно се доближува до крајот на својата кариера.
Роналдо, за првпат по цели 14 години, не стартуваше натпревар за Португалија на големо натпреварување. На тој начин стави точка на 31 едноподруго натпревар на кој стартуваше за португалската селекција. Сето тоа навестува очекуван финиш по Мундијалот во Катар и на репрезентативната кариера.
Но, очигледно е дека Португалија не треба да стравува и по ерата на Кристијано Роналдо. Напротив… Во дебаклот кој Португалците им го приредија на Швајцарците, и тоа како се издвои 21-годишниот напаѓач на Бенфика, Гонсало Рамош.
Рамош, на извонреден начин потврдувајќи дека и тоа како била исправна одлуката на потугалскиот селектор да го пушти во првиот тим на местото на Роналдо, го запиша првиот хет-трик на Мундијалот во Катар. Во дебито на светските првенства, во своето деби и за Португалија во нокаут-фаза на СП, Рамош покажа неверојатен квалитет.
Гонсало Рамош стана и првиот фудбалер кој постигна хет-трик на првиот меч како стартер на едно светско првенство, по Мирослав Клосе кој постигна три гола за Германија во 2002 година. Токму затоа Гонсало Рамош и дефинитивно може да се означи како новата надоаѓачка ѕвезда на Португалија и светскиот фудбал!
ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Боно го однесе Мароко до првото четвртфинале во историјата!
Голманот на шпанска Севилја, Боно е херојот на Мароко во осминафиналето на СП 2022 во Катар.
Боно е најзаслужниот за пласманот на Мароканците во четвртфиналето и елиминацијата на големиот фаворит Шпанија по изведувањето на пеналите. Покрај одличните одбрани во текот на натпреварот, во пенал-рулетот Боно не дозволи ниту еден гол од првите три шпански изведувачи во својата мрежа, што беше повеќе од доволно Мароко да продолжи понатаму на СП.
РЕКОРД НА ДЕНОТ: Пепе е најстариот фудбалер во историјата кој постигнал гол во нокаут фазата на СП
Португалскиот дефанзивец Пепе со денешниот гол против Швајцарија стана најстариот фудбалер во историјата кој постигнал гол во нокаут фазата на светско првенство.
Пепе со 39 години и 283 дена стрелаше во триумфот на Португалците против Швајцарија.
КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Селекторот на Мароко е прв африкански тренер кој стигнал до четвртфинале
Селекторот на Мароко, Валид Реграгуи стана првиот тренер од Африка кој успеал да стигне до четвртфинале на Мундијал.
1 – Morocco coach Walid Regragui has become the first ever African manager to reach the World Cup quarter-finals. Pioneer. #MORSPA pic.twitter.com/3tLWzvuOff
— OptaJean (@OptaJean) December 6, 2022
Мароко, пак, се запиша како само четврта земја од африканскиот континент која обезбедила четвртфинале. Претходно тоа им успеа на Камерун (1990 година), Сенегал (2002) и Гана (2010).
ФОТО НА ДЕНОТ: Роналдо можеби не игра, ама и натаму е во центарот на вниманието!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА