Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================
ТЕМА НА ДЕНОТ: Лионел Меси по патот на фудбалските богови!
Лионел Меси конечно е на патот да ги достигне височините на легендарниот Диего Армандо Марадона. Фудбалскиот Бог кој освои буквално се во својата кариера, единствено ја очекува и посакува светската круна со Аргентина, трофеј кој и тоа како му недостасува да ја заокружи феноменалната кариера. Токму затоа и неутралниот фудбалски свет живее заедно со него за остварување на неговиот последен фудбалски сон!
Сосема е јасно и дека срцето на поголемиот дел од фудбалскиот свет „бие“ во ритамот на Лионел Меси силно посакувајќи на последниот свој Мундијал еден од најдобрите светски фудбалери да дојде до шампионскиот трофеј!
А, некако „игрите на судбината“ водат во таа насока, ако се знае трновитоста на патот по кој Меси чекори во Катар. Најпрво со поразот на стартот од Саудиска Арабија, а денеска во четвртфиналето и по драмата со Холандија во која Аргентинците за малку ќе се доведеа во ситуација „од готово – вересија“. Но, „гаучосите“ продолжуваат до полуфиналето, а Лионел Меси со гол и асистенција се запиша во историјата.
Меси, со четвртиот гол во Катар, го постигна својот јубилеен десетти гол во историјата на светските првенства израмнувајќи се со Габриел Батистута на аргентинската листа. А, како дополнение на тоа, е и петтата асистенција на светските шампионати во нокаут-фазата што е рекорд од тој аспект на Мундијалите, минувајќи го легендарниот Бразилец Пеле кој има четири асистенции во нокаут-фазата на светските првенства.
Но, Меси го собори и рекордот и на Диего Марадона по бројот на заслуги за голови на мундијалите за Аргентина. Меси сега има вкупно 17 голови и асистенции (10 гола и 7 асистенции), минувајќи го досегашниот рекорд на Марадона кој беше заслужен за 16 гола на светските првенства за Аргентинците.
Сето тоа за чекор напред на патот конечно, по цели 36 години, Лионел Меси да и донесе трофеј на Аргентина на СП. Последен пат Аргентинците го освоија светот во 1986 година кога дојдоа до својата втора круна во историјата, под водство на Диего Марадона. Сега, конечно трофеј посакува и Лионел Меси за да се запише засекогаш меѓу вечните!
ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Доминик Ливаковиќ – „октоподот“ на Хрватска!
Доминик Ливаковиќ е херојот на денот во Катар. Голманот на Динамо Загреб ја однесе Хрватска во полуфиналето на Светското првенство 2022. Ливаковиќ со извонредните одбрани е најзаслужниот што „коцкестите“ дојдоа до пенали во четвртфиналната пресметка со Бразил, а потоа со два одбранети пенали и најазаслужниот што Хрватска е повторно меѓу најдобрите четири репрезентации во светот.
РЕКОРД НА ДЕНОТ: Бразилците не можат со Европејците
Бразил е рекордер во светот по бројот на порази во нокаут-фазите на светските првенства од европски репрезентации. „Кариоките“ денеска беа елиминирани во четвртфиналето на Мундијалот во Катар од Хрватска, и на тој начин дојдоа до шести едноподруго пораз во нокаут-фазата на СП од европска селекција. Последниот успешен настап против европска репрезентација за Бразил е од финалето на СП 2002 кога победија против Германија со 2-0.
КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Хрватска е втора нација во светот по број на полуфиналиња во седум Мундијали
Хрватска ќе го игра своето трето полуфинале на светските првенства во период од 24 година. Тоа ги сместува Хрватите како втора нација во светот по број на полуфиналиња во седум мундијали.
Почесто од нив во полуфиналето, во седум светски првенства, била само Германија (четири пати), а исто со Хрватите е единствено уште Франција која исто така во период од 24 години има три полуфиналиња.
— Out Of Context Football (@nocontextfooty) December 9, 2022
ФОТО НА ДЕНОТ: Расплаканиот Нејмар…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА