Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================
ТЕМА НА ДЕНОТ: Хрватска и Мароко ја одбранија големината на „малите“, Роналдо и Меси се посрамотија со својот однос… покажувајќи дека може да бидат и „мали“!
Нема повеќе големи и мали во фудбалот! Доказ за тоа, без сомнение, е фактот дека покрај голем број фаворити кои беа протежирани од стартот на шампионатот, Хрватска и Мароко се меѓу најдобрите четири екипи во светот!
Хрватска, земја со само три милиони жители, е веќе повеќе од сериозен доказ, по двата едноподруго извонредно одиграни шампионати во Русија и во Катар, дека фудбалската приказна е многу подлабока од големината на земјата и нејзината финансиска моќ.
А, добар доказ за тоа е и Мароко која стана првата африканска селекција во историјата која стигнала до полуфиналето на едно светско првенство, запишувајќи историја за „црниот континент“. Мароканците уште од првиот меч на овој Мундијал со ремито токму против Хрватска покажаа дека ќе бидат изненадување во Катар. И успеаја во тоа, на задоволство на сите оние „малите“ кои неутрално го следат првенството!
Од друга страна, колку големите може да бидат и мали во одредени моменти, за жал, на ова светско првенство демонстрираа најдобрите фудбалери на денешницата, а можеби и во историјата, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.
Роналдо уште со моментите кога „плачеше“ да биде признаен оној гол на Бруно Фернандеш во групната фаза наиде на потсмев во фудбалскиот свет, а со начинот на кој беше седнат на клупата на португалската селекција и односот кон националниот тим, и во моментите кога се радуваше против Швајцарија и денеска кога тагуваше по поразот од Мароко, некако го разгори мислењето дека му е време за фудбалска пензија. За да остане во сеќавањата онака голем како од времето на неговата слава во дресот на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид. Роналдо, ќе остане забележан и како губитник на овој Мундијал кој е последен за него, и откако пропушти можност да постигне гол во нокаут-фазата на еден светски шампионат. Тоа ќе недостасува во неговата биографија како што ќе недостасува и титулата од СП!
Лионел Меси, пак, и тоа како го разочара оној неутралниот фудбалски свет со односот по мечот од четвртфиналето против Холандија. Вулгарното однесување кон холандскиот селектор Ван Гал, без разлика кои и какви се причините, односот кон репрезентативците на Холандија но и кон официјалните лица и тоа како донесе разочарувања за поддржувачите на Меси. Аргентинците, и оние субјективните, секако неговиот однос само ги радува. А ќе бидат уште посреќни ако им ја донесе толку посакуваната светска круна која Аргентина ја чека од 1986 година. Посакувана круна и за Лионел Меси за да ги достигне и репрезентативните височини на Диего Армандо Марадона!
ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Валид Реграгуи донесе огромна радост во Мароко!
Селекторот Валид Реграгуи е вистинско херој во Мароко. Човекот кој ја донесе својата репрезентација до полуфинале на СП по само осум меча како го води тимот. Реграгуи го презеде Мароко непосредно пред настапот во Катар и за само осум меча на чело дојде до полуфинале. Ова е и најмал број натпревар за еден селектор до таков успех, по Ото Глорија кој со Португалија дојде до полуфинале на СП 1966 откако го предводеше тимот само низ пет натпревари.
РЕКОРД НА ДЕНОТ: Хари Кејн го израмни рекордот на Вејн Руни
Хари Кејн против Франција го постигна својот 53-ти гол во дресот на Англија, израмнувајќи го на тој начин рекордот на Вејн Руни како најдобар стрелец на англиската репрезентација. Кејн го постигна и својот 12-ти гол за Англичаните на големите натпреварувања, СП и ЕП.
А, уште еден „олд тајмер“ царува во Катар. Французинот Оливие Жиру со голот за победа над Англија стана единствен фудбалер кој постигнал повеќе од четири гола на светско првенство а е постар од 36 години, по Роџер Мила.
КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Гризман со 27 асистенции за Франција
Антоан Гризман е најдобриот асистент во последните 50 години во светот, кога станува збор за репрезентативните настапи. Гризман со денешната асистенција за погодокот на Чуамени дојде до 27 асистенција во францускиот дрес, најмногу за еден играч во настапите за репрезентацијата во последните 50 години. Досегашниот рекорд беше на Тјери Анри и Зинедин Зидан, вкупно 26 асистенции.
ФОТО НА ДЕНОТ: Солзите на Роналдо!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА