Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================
ТЕМА НА ДЕНОТ: Се јавија и „теоретичарите на заговор“ со повеќе од смешни теории!
Теоретичарите на заговори се јавија многу брзо и на стартот од СП 2022, и секако веднаш во фокусот поразот на Аргентина од Саудиска Арабија.
Веќе се тврди дека Аргентинците, наводно, се добро искалкулирале и запишале пораз за да го избегнат Бразил во полуфиналето на Мундијалот!!!???
Според нивните „анализи“, веќе било сосема познато дека „Аргентина намерно загубила за да го избегне Бразил, и сега веќе на следните натпревари лесно ќе си победи. Непоразени ќе дојдат до финалето, а таму ништо не се знае“.!?
Но, сосема е јасно дека повеќе од лудо е размислувањето дека Меси и соиграчите ќе си дозволат пораз од најлошиот противник во групата, и тоа во првото коло, за да потоа се сигурни дека лесно ќе триумфираат со Мексико и со Полска.
Теоретичарите на заговори сосема јасно, пак, ќе нема што да кажат за пресметката на Бразилците кои на најдобар можен начин ја почнаа својата „самба“. Бразил со изданието против Србија, пред се во второто полувреме, потврди дека без апсолутно никакви калкулации ќе атакува до финалето на Мундијалот. По првиот круг од првенството е јасно дека Франција, Бразил и Англија ќе бидат водечките во битката за шампионскиот трофеј, иако тука секако остануваат и Аргентина, Белгија и Португалија.
ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Ричарлисон го сруши српскиот сон за повторување на „Монтевидео“
Ричарлисон е без сомнение херојот на последниот мундијалски ден од првиот круг во Катар. Два погодоци за напаѓачот на Тотенхем во победата од 2-0 на Бразил над Србија.
Ричарлисон стрелаше во 62. и во 73. минута, а посебно впечатлив беше вториот погодок кој, без сомнение, е и најубавиот низ досегашниот дел од шампионатот.
РЕКОРД НА ДЕНОТ: Роналдо е првиот фудбалер во историјата со гол на пет едноподруго светски првенства!
Кристијано Роналдо го постигна својот 118-ти гол за Португалија во победата од 3-2 против Гана во првиот меч на Мундијалот во Катар.
Роналдо со овој гол стана првиот играч во историјата ој постигнал барем по еден гол на пет едноподруго светски шампионати! Низата трае уште од 2006 година кога Роналдо во Германија стрелаше против Иран, а продолжи во 2010 година против Северна Кореја, во 2014 година против Гана, во 2018 година против Шпанија и денеска повторно против африканската држава.
КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Голманот на Камерун со 61 додавање на мечот против Швајцарија, повеќе од половина тим
Голманот на Камерун, Андре Онана имаше дури 61 додавање на мечот против Швајцарија, што е највисока бројка за голман на овој Мундијал досега. Онана беше буквално сеприсутен во својата половина покривајќи на моменти дури и на 40 метри пред својот гол. Интересно, имаше 61 додавање многу повеќе и од некои свои соиграчи од одбраната и средниот ред.
ФОТО НА ДЕНОТ: И на Меси му се допадна што Роналдо погоди!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА