КАТАР НА „КАНТАР“ – ТЕМА И ДИЛЕМА (9): И по 100 години, за жал, фудбалот се уште во „канџите“ на политиката! САД-Иран помина, но политички набиената атмосфера во Катар останува!?

Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================

ТЕМА НА ДЕНОТ: Фудбалот, за жал, како средство за пропаганда во меѓународната политика и облик на психолошка војна меѓу нациите!

Не е ништо ново најголемите глобални спортски настани да минуваат во политички набиена атмосфера. Историјата сведочи дека уште американскиот атлетичар Џеси Овенс, маестралната трка на ЛОИ 1936 среде Берлин ја прослави со демонстрација на отворен револт кон Адолф Хитлер, на Олимписките игри во Мексико во 1968 година, пак, американските атлетски ѕвезди Томи Смит и Џон Карлос ги промовираа граѓанските права за време на добивање на медалите, бранејќи ја црната човекова раса. Олимписките игри во Москва во 1980 година и во Лос Анџелес во 1984 година беа погодени од бојкоти поврзани со советската инвазија на Авганистан, а да не зборуваме за огромната трагедија на ЛОИ 1972 во Минхен и убиените израелски спортисти и тренери.

Некако, ниту 100 години по нејзиното почетно професионално формирање, ниту фудбалската игра не може да се ослободи од „канџите“ на политиката. Модерните фудбалски ѕвезди, брендови сами по себе, некако подлегнуваат на притисокот согласно политиката на земјата од каде доаѓаат да го користат фудбалот и моментот на моќта на едно светско првенство за да промовираат одредени ставови. Па, така и во Катар, репрезентативците на Данска, Германија, Холандија, Англија… беа упорни до крај во желбата да ја поддржат, преку истакнување симболи, ЛГБТ-популацијата, но и да искажат поддршка за Украина пред руската инвазија. Иранските репрезентативци, од друга страна, се спротиставија на владата во својата земја со поддршка на протестантите во одбрана на правата на жените, а дел од фудбалерите од арапските земји отворено ги користеа и прес-конференциите за некој збор против политиките на Израел. Сето тоа, користејќи го фактот дека вниманието на целиот свет е во моментов кон фудбалот!

И часовите во очекување на дуелот меѓу САД и Иран денеска минаа единствено во политика. Прес-конференцијата на американскиот селектор беше во 80% искористена за политички прашања и односите меѓу САД и Иран… Па, останува впечатокот, дека ЛГБТ, Иран, израелско-палестинските односи, војната во Украина и човековите права во Катар, барем според долгите страници издвоени во сите светски медиуми, на Мундијалот 2022 ја „измачуваат“ чистотата на фудбалот.

И што е уште пожално не се гледа крај глобалните фудбалски настани и во иднина да се користат за политички пораки. Следното Светско првенство 2026 најверојатно ќе има уште поголем политички активизам, бидејќи домаќини ќе бидат САД, Канада и Мексико. Трите земји се повеќе од добра „подлога“ за некои нови контроверзии надвор од фудбалскиот терен да го привлечат вниманието на јавноста.

Факт е дека откако фудбалот стана глобален, тој секогаш ги рефлектира социјалните, културните и религиозните трендови и конфликти – и покрај повиците тој да остане безбеден простор, надвор од политиката. Но, чувството дека спортистите може да се држат до повисоки морални стандарди од нивната влада е можеби клучно во желбата спортот да ја победи политиката.

За жал, фудбалот стана средство за пропаганда во меѓународната политика и може дури да се каже дека стана облик на психолошка војна. Фудбалскиот свет, за жал, се уште е поделен на спортски велесили и „мали земји“. До политизација на спортот доаѓа по правило таму каде не се јасни суштната и смислата на човечкиот ангажман во спортот и каде не постојат хумани критериуми за вреднување на спортските достигнувања. Спортистите, и не само тие, туку и општествата во кои живеат не се во состојба да откријат и да ја разберат длабочината на хуманата смисла на спортот. Повторно за жал, се уште во светот општествата и навивачите не поаѓаат од внатрешната потреба и желба да се докажуваат од чисто спортски причини, туку некако се оптоварени од општествено-политичките интереси надвор од спортот.

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Кристијан Пулишиќ – САД победуваат на осум меча по ред на кој Пулишиќ е стрелец

Кристијан Пулишиќ со голот за триумф на САД од 1-0 против Иран ја однесе својата репрезентација во осминафиналето на Мундијалот во Катар. Пулишиќ е талисман за САД затоа што победува на секој од последните осум меча на кој Пулишиќ е стрелец. Но, за жал, се повреди на денешниот дуел со Иран, па неизвесен е за настапот на натпреварот против Холандија во осминафиналето.

РЕКОРД НА ДЕНОТ: Луис Ван Гал нема загубено десет меча по ред на светските првенства

Селекторот на Холандија, Луис Ван Гал веќе десет едноподруго натпревари нема пораз на светските првенства.

Ван Гал има најдобра серија без пораз на СП од селекторите. Со денешниот триумф на Холандија против Катар, Ван Гал е со седум победи и само три ремија.

 

КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Кејн е првиот англиски фудбалер, по 20 години, кој има барем три асистенции на СП

Хери Кејн, по денешната асистенција во победата од 3-0 против Велс, е првиот англиски репрезентативец кој има најмалку три асистенции на едно светско првенство по цели 20 години.

Претходно, три асистенции од Англичаните на едно СП имаше Дејвид Бекам во 2002 година. За Кејн секако остануваат уште натпревари во Катар да го зголеми бројот на асистенции.

ФОТО НА ДЕНОТ: „Колоритот“ на Сенегалците го разубавува Мундијалот!

 

Се вчитува...