Катар парираше едно полувреме, Унгарија е во четвртфиналето

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Унгарија е вториот четвртфиналист од нашата група откако оваа селекција вечерва во Вараждин го совлада Катар со резултат 29-23, осигурувајќи го второто место на табелата. Веселин Вујовиќ и неговите избраници одиграа одлично прво полувреме во кое имаа и четири гола предност (3-7), но Унгарците до крајот на полувремето успеаја да израмнат на 12-12. Тоа беше се од отпорот на Катар, унгарските ракометари отворија со брзо водство од 16-13, Вујовиќ зеде тајмаут, но неговиот состав не успеа да се врати, па фаворитите ја зголемија предноста и заслужено славеа со конечните 29-23.

Крилото Имре со девет гола беше најефикасно во унгарскиот состав, по четири постигнаа Жита и Бока, додека Жарко Марковиќ со шест гола беше прв стрелец на Катар, но поранешниот десен бек на Металург имаше и осум промашувања.

Овој исход ги разреши и сите шанси Македонија да се пласира во нокаут фазата, па нашите ракометари со триумф на последниот меч против Франција би стигнале само до третото место во групата. Затоа пак, ќе треба да сториме се што можеме за да не загубиме со повеќе од осум гола разлика, бидејќи ваков исход би ни го донел четвртото место во групата и 15. позиција севкупно на овој светски шампионат.

Данска го задржа стопроцентниот ефект славејќи над Чешка со резултат 28-22. Селекторот Сабате успеа до максимум да го намали темпото на натпреварот, ги задржа Данците под 30 постигнати гола, но светскиот првак сепак рутински триумфираше на овој дуел одигран во Хернинг.

Гидсел одигра одличен натпревар и со десет гола ја предводеше Данска, искачувајќи се и на врвот на листата на стрелци.

Се вчитува...