Изборот на Катар за домаќин на Светското фудбалско првенство во 2022 година со години ја бранува јавноста поради сомневањата дека Катарците исплаѓале милиони за да го добијат Мундијалот. Германските медиуми објавија нови документи со кои се потврдува корупцијата при изборот на домаќинот за СП 2022 година.
„Билд“ објави делови од извештајот изработен од поранешниот независен етички истражувач, Мајкл Гарсија. Во извештајот меѓу другото се наведува дека од Катар наводно биле исплатени два милиони долари на 10-годишната ќерка на еден од официјалните лица во ФИФА.
Гарсија се повлече од случајот во декември 2014, протестирајќи поради употребата на неговиот извештај во процецот на наддавање, кој ФИФА го објави во „правно соодветна верзија“.
Во таа верзија на извештајот на 42 страници, Катар е ослободен од обвиненијата за корупција. Но, „Билд“ сега најави објавување на комплетниот извештај на Гарсија на 403 страници.
Германскиот весник тврди дека тројца официјални лица на ФИФА пред гласањето за организација на Мундијалите во 2018 и 2022 година, летале на забава во Рио де Женеиро со приватен авион кој и припаѓа на Фудбалската федерација на Катар.
Се наведува и дека фудбалската академија од Катар „ASPIRE“ манипулирала со членовите на ФИФА со право на глас.
По објавувањето на неговиот извештај во верзијата на ФИФА, Гарсија изјави дека тој е некомплетен, со многу погрешни претстави, а ФИФА посебно беше критикувана од претставниците на Англиската фудбалска асоцијација кои истакнуваа дека тоа е и „политички мотивиран обид за манипулација со луѓето“.
Француското обвинителство спроведе истрага во врска со изборот на Русија за домаќин на СП 2018 и на Катар за домаќин на СП 2022, а еден од сведоците беше и поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА