Катар прави стадион „за една употреба“, па ќе му го подари на Тунис

Кога се имаат неограничени ресурси возможно е буквално се, па и да се подари фудбалски стадион од една на друга држава. Токму тоа ќе го стори Катар, кој инвестира сериозно во инфраструктура за СП 2022, но на Катарците им е јасно дека голем дел од овие стадиони нема да можат да бидат одржувани по завршувањето на мундијалот и најдоа перфектен начин да се ослободат од еден од нив.

Станува збор за стадионот „974“, кој го доби називот по повикувачкиот број за Катар, кој на крајот од претстојниот мундијал ќе биде размонтиран и преселен во Тунис.

Оваа арена е склопена од 974 бродски контејнери, има капацитет да прими 40.000 фудбалски фанови и беше свечено отворена минатиот месец. На неа ќе се играат средбите од групната фаза на СП 2022, а по нивното завршување нема да се чека ниту крајот на мундијалот, туку веднаш ќе биде размонтирана и преселена во друга држва.

Тунижаните долго време се мачат да изградат модерен стадион, па веднаш го прифатија понудениот подарок од богатиот катарски емир. Овој стадион ќе биде поставен во тунискиот град Сфакс, каде веќе во 2023 година ќе почнат да се играат фудбалски натпревари на него.

Се вчитува...