Катарците најавија „револуција“ на фудбалските мундијали кога тие ќе бидат домаќини на светското првенство во 2022 година, а дека нема се да остане на празни зборови доказ е најновиот проект за стадион на кој ќе се играат средби од овој мундијал – прва „мобилна фудбалска арена“.
Стадионот „Рас Абу Абуд“ е седмиот од вкупно осумте стадиони чиј проект беше официјално прифатен од Катарската Фудбалска Федерација, а на кој ќе се играат дури и натпревари од четвртфиналето од СП 2022. Она што го прави овој стадион посебен е фактот дека станува збор за „мобилен стадион“, односно при самата изградба се остава можност истиот потоа да биде „демонтиран“ и пренесен на сосема друга локација, па дури и да биде претворен во арена со помал капацитет.
Во изградбата ќе бидат искористени “контејнери за превоз и испорака“, стадионот ќе се гради на неколку дела што потоа ќе можат еден по еден да се извадат и пренесат на други места. Целиот проект е дело на „Фенвик Ирибарен“, компанија од Мадрид што го гради и новиот Национален стадион во Норвешка.
„Пресреќни сме што организаторите на ФИФА 2022 го прифатија нашиот проект. Неизмерно сме горди што нашиот проект и дизајнот за стадионот Рас Абу Абуд ќе влезе во историјата како прв мобилен стадион за едно Светско Првенство“ – изјави Марк Фенвик од компанијата „Фенвик Ирибарен“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА