Вториот дел од сезоната во регионалната СЕХА лига, Металург го почна со катастрофален пораз од Веспрем со 33-21 на гостувањето во Унгарија. За македонскиот вицешампион ова е десетти пораз од 14 одиграни натпревари во годинашното првенство во СЕХА лигата и досега најубедлив. „Металурзи“ со овој очекуван пораз од фаворитот Веспрем, остануваваат во долниот дел на табелата, а унгарскиот шампион со 12 победи од 16 натпревари се зацвртуваат на втората позиција на табелата зад водечкиот Вардар.
Избраниците на Лино Червар лошо го почнаа натпреварот и го одиграа можеби и најлошото полувреме сезонава постигнувајќи само седум гола за првите 30 минути. По двомесечна пауза поради повредата на дланката, во составот на Металург се врати Филип Кузмановски, но ни тој се вклопи во бледото издани на „металурзи“ во овој дел од натпреварот.
Домаќините уште на стартот поведоа со 3-1, а Металург преку Кузмановски и Обрадовиќ во 9.минута успеа да изедначи на 3-3 што беше прво и единствено изедначување на овој натпревар. Во наредните пет минути, Веспрем постигна шест, а Металург само еден гол, што беше доволно домаќините да се одлепат и комплетно да ја преземат контролата врз играта. „Мерталурзи“ премногу грешеа, тешко доаѓаа во позиција за шут дури и со играч повеќе во нападот. А, од форсирањето на играта 7 на 6, имаа повеќе штета од полза, овозможувајќи му на Веспрем да постигнува лесни голови и на одмор да замине со поголема разлика од бројот на голови што ги постигна Металург во целото прво полувреме (15-7).
Ништо ново во играта и во односот на силите на теренот во Веспрем Арена, не донесе ни второто полувреме. Мал блесок и за нијанса поефикасна игра имаа металурзи во првите десетина минути од втриот дел кога успеаја да ја намалат негативата на 19-14. Но кратко траеја минутите на Металург и надежта дека избраниците на Лино Червар може да сторат нешто повеќе на овој меч. Серијата технички грешки и промашувања на „сините“, домаќинот рутински ги казнуваше, постигна седум гола во серија и стигна до двоцифрена преднсот поведуваќи со 26-14. По десет минути без гол, конечно лошата серија ја прекина Горан Крстевски постигнувајќи го 15.гол за Металург. До крајот на натпреварот, Веспрем без многу напор само ја потврди убедливата победа.
Најефикасни кај Металург беа Филип Кузмановски и Жарко Пешевски со по пет гола, Арсиќ имаше седум одбрани во првиот дел, а Томовски две во вториот. Во победата на Веспрем најпрецизни беа Драган Гајиќ и Ренато Сулиќ со по шест гола, а Марко Алиловиќ заврши со 14 одбрани.
Во следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург на 8 февруари во Скопје го пречекува ППД Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА