Македонскиот кошаркарски вицешампион Пелистер го заврши својот настап во годинашната сезона во АБА 2 лигата откако во четвртфиналето во Ф8 завршницата во Домжале, доживеа вистинска катастрофа од домашниот Хелиос (101-47).
Пелистер поради проблеми со документите на овој меч не можеше да смета на Американецот Карпентер, а во тимот поради повреди ги немаше и неговиот сонародник Карутерс, како и Андреј Маслинко.
Домаќините кои како број 1 по регуларниот дел од сезоната влегоа во плеј-офот стартуваа фуриозно и веќе по првите десет минути покажаа кој е кој на овој меч стигнувајќи до двоцифрена предност (24-12). Како одминуваше првото полувреме така разликата на семафорот во корист на Хелиос се зголемуваше, па избраниците на Марјан Илиевски на пауза заминаа со негатива од огромни 56-24.
Второто полувреме стартуваше пресликано како првиот дел. Домаќините буквално од секоја позиција го полнеа кошот на македонскиот тим, па Хелиос успеа во 37 минута да стигне и до плус 43 (77-34). Во последниот период Словенците продолжија да го полнат нашиот кош и на две минути до крајот стигнаа и до позитива од плус педесет (97-47). До крајот стигнаа и до сто поени за конечен триумф од 101-47.
Тадеј Ферме со 15 поени беше прво во име во таборот на победникот, додека кај поразените Сеад Хаџифезовиќ постигна 17 поени.
Битолчани до крајот на сезоната останува да се насочат кон домашниот шампионат каде како второпласирани ќе го дочекаат плеј-офот, во кој го бранат финалето од минатата сезона во кое беа поразени од шампионот МЗТ Скопје Аеродром.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА