Женската ракометна репрезентација на Македонија има убедлива негатива од … на полувреме против Украина во првиот натпревар од бараж двомечот за пласман на Светското првенство кое на крајот на годината ќе се игра во Данска, Шведска и Норвешка.
Како и на сите претходни натпревари последните неколку години, најискусните кои треба да бидат лидери на оваа генерација правеа голем број грешки во нападот по кој Украина стигнуваше до лесни голови.
Уште во првиот напад на Украинките, Сања Дабевска во нејзин стил одигра премногу агресивно по што доби исклучување, а Украина шутираше пенал. За среќа Македонија на голот ја има неверојатната Јована Мицевска која успеа да го одбрани пеналот и да ја крене атмосферата во „Борис Трајковски“ уште на самиот старт на натпреварот.
Како и многу пати досега повратничката Елена Ѓоргиеска правеше голем број грешки во нападот, па по пет минути игра ние се уште бевме без постигнат гол (0-3). Првиот гол Македонија го постигна од пенал преку Сара Ристовска во шестата минута од натпреварот намалувајќи на 1-3.
Продолжи нашата катастрофална игра во нападот, што Украина и тоа како го искористи за по десет минути да стигне и до највисоките плус четири (2-6), а селекторот Савевски го побара првиот тајм-аут. Ниту едноминутната пауза не вроди со плод. Украина продолжи да го полни нашиот гол па во 13. минута веќе беше и 2-9.
По неколку минути во кои успевавме да ја задржиме оваа негатива, Украинките во 25. минута стигнаа до највисоките плус осум (5-13). До крајот на првото полувреме избраничките на Љубомир Савевски успеаја да намалат на шест гола разлика и на пауза да заминат со негатива од 8-14.
Сара Ристовска со три гола, но и со очајна реализација е најефикасна во нашиот табор, додека кај Украинките Маријана Маркевич постигна четири гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА