Катастрофа за БиХ: Џанан Муса не игра на Евробаскет 2025

Од денеска веќе е и официјално, Џанан Муса нема да може да ја предводи репрезентацијата на БиХ на претстојното европски првенство што ќе стартува за седум дена.

Големиот ас мораше да замине на операција минатата седмица, за денеска и официјално да потврди дека нема да биде „фит“ за да може да ги брани боите на својата земја на овој континентален собир.

„Драги навивачи, би сакал на овој начин да ве известам вас и целокупната јавност дека поради здравствени причини нема да сум во можност да им помогнам на момците на претстојниот Евробаскет. Прв пат се среќавам со вакви проблеми и сигурно не е лесно да се минува низ целата ситуација, медицинскиот тим е запознаен се она што ми се случи, пред неколку дена морав да бидам опериран во Минхен, а денеска ми беше соопштено дека опоравувањето ќе трае подолго од првите прогнози. Верувам во момците и со срце ќе ги бодрам, верувам дека во иднина ќе има уште многу првенства на кои ќе играме заедно, како тим што ќе даде се за нашата татковина“, објави Џанан Муса.

Кошаркарската репрезентација на БиХ е дел од групата Ц што се игра на Кипар, каде покрај домаќинот за ривали ќе ги има уште и Шпанија, Грција, Грузија и Италија.

Се вчитува...