Поранешните шампиони на Италија од 1991 година и победници на Купот на победниците на куповите во 1990 година минуваат низ еден од најтешките периоди во поновата историја – Сампдорија вечерва испадна во Серија Ц.
Во натпреварот од последното, 38-мо коло од Серија Б, Сампдорија освои бод против Јуве Стабија како гостин, натпреварот заврши со резултат 0:0, но тоа не им беше доволно барем да го освојат плејофот, бидејќи Фрозиноне како гостин го изненади лидерот на табелата и повратникот во Серија А, Сасуоло.
Фрозиноне победи со 1:0, со голот на Бохинен од пенал во 38-та минута, и ја заврши сезоната со 43 бода, два повеќе од Сампдорија.
Неповолен епилог за Сампдорија беше и триумфот на Салернитана, која ја победи Цитадела, која беше отпишана, со 2:0 на гостински терен. Така, Салернитана ја „скокна“ Сампдорија и заврши на 17-то место, а Сампдорија следната сезона ќе игра во Серија Ц заедно со Цитадел и Козенца.
Претходно беше познато дека Сасуоло и Пиза изборија директен пласман во Серија А, а во плејофот својата шанса ќе ја бараат Специја, Кремонезе, Јуве Стабија, Катанцаро, Чезена и Палермо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

