Минимална победа од 1-0, но и тоа како огромно важни три бода запиша Струга ТЛ против Работнички во 14. коло од ПМФЛ, со што успеа да се доближи до водечките екипи во шампионатот.
Стратегот на стружани, Ќатип Османи секако е задоволен од третата едноподруго победа во првенството и тоа против досегашниот лидер Работнички. Со оваа победа, тимот освен што ја продолжи серијата победи, успеа да го задржи чекорот со водечките тимови, намалувајќи ја разликата со водечките на само два бода.
„Оваа победа ни беше потребна за да го одржиме континуитетот на победи, но пред се чекорот со водечките на табелата. Можеби товарот за победа на натпреварот си го направи своето, бидејќи правевме грешки во позиционирањето, но и во додавањата одвреме навреме, но важно е што тимот не прими гол и пред се, на крајот ние ги освоивме трите бода“ – вели Османи.
Како што е познато, сега има двонеделна пауза во првенството, поради ноемвриските натпревари на македонската фудбалска репрезентација во Лигата на нации. За тренерот Османи оваа пауза не е баш добредојдена за стружани, бидејќи, како што велат, веќе беа под посакуван ритам.
„Понекогаш паузите во првенството се добри, но понекогаш не. Во нашиот конкретен случај, можам да кажам дека тоа не е ни добредојдено, бидејќи тимот забележа убава серија на победи. Сепак, ова е распоредот и ние го почитуваме“ – вели Османи, кој зборува и за можното враќање на капитенот Шабани по репрезентативната пауза.
„Без сомнение, ни недостасуваше нашиот капитен. Токму неговото отсуство веројатно ја донесе таа негативна резултатска серија, кога имавме лош период. Тој веќе почна да тренира со групата, но оди на лесни тренинзи, додавање топка, трчање и кондиција, но се надеваме дека ќе го имаме подготвен за натпреварите по репрезентативната пауза. Ако се биде во ред, веруваме барем дека против АП Брера истиот ќе биде во комбинација за настап“ – истакнува Османи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА