Кавадарчани победија, не само за себе, но за сите тиквешови славни генерации! (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Тиквеш, без сомнение, е најголемото освежување за македонскиот клупски фудбал оваа година. Вечерва победи така лесно, со доминантна презентација на фудбалски квалитет, затоа што, се чини, на најголемата македонска арена не играше само за себе. Овој пат сите во кавадаречкиот состав како да играа и за сите оние славни тиквешови генерации, почнувајќи од првиот претседател на клубот Славчо Темков, преку легендарниот Вуко Каров, славните Ангел Кимов и Глигор Тотов… па се до овој тим воден од браќата Мојсови кои на градот му го подарија првиот историски трофеј за клубот!

Тиквеш, без сомнение, е убава романтична приказна на македонскиот клупски фудбал оваа година. И затоа што неговите верни навивачи, но и целиот град, вечерва на најголемата македонска арена, покажаа како се сака клубот, на оној најдобар можен начин… Под силни емоции, огромна желба и силна верба. Затоа што сакаа да испишат историја!

Тиквеш, без сомнение, е силен доказ дека кога клубот е воден на сериозен начин, со градот зад себе и личност како Митко Јанчев до себе, тогаш успехот не може да биде заобиколен. Посветеноста, искреноста и трудот и тоа како ќе биде награден!

 

 

Се вчитува...