Кавадаречко славје во Куманово

Кошаркарите на Фени индустри со одлична игра славеа на гостувањето против Куманово со 74-86, огромен триумф за тимот од Кавадарци со кој е завршена огромна работа за осигурување на место во плејофот. Љупчо Малинков одлично ја имаше поставено играта на својата екипа, кумановци не ги служеше шутот од далечина онака како што посакуваше тренерот Петровиќ, па поразот на денешниот меч беше неизбежен.

Пресудна се покажа втората четвртина во која по минималната предност на Куманово од 19-18 гостите влегоа во фантастичен ритам во нападот и стигнаа до двоцифрена предност (23-34). Кумановци до 17. минута имаа шут за тројка 1/11, пред крајот на полувремето погодија уште два удари од далечина, па ја спуштија разликата под десет поени (38-46). Домаќините се обидуваа на различни начини да се вратат во мечот, но во ниту еден момент не ја спуштија разликата под „минус шест“, Фени имаше одговор во клучните моменти и на крајот заслужено славеше значајна победа.

Пресудна се покажа играта на Американците на Фени индустри, Фундербург беше најефикасен со 28 поени, додека Мајер реализираше 26 поени и 12 скокови. Ѓекиќ со 27 и Мекиќ со 15 поени беа најдобри поединци во таборот на Куманово при денешниот пораз.

Се вчитува...