Единсон Кавани конечно ги разреши дилемите околу следната дестинација во кариерата, прифаќајќи ја понудата за трансфер во Атлетико Мадрид. Уругваецот летово станува слободен играч, што го направи интересен за бројни клубови ширум Европа, но и низ Јужна Америка.
Сепак, понудата од Мадрид беше супериорна од финансиски аспект, вкупно 20 милиони евра за двогодишен договор за 33-годишниот голгетер, по што Кавани дефинитивно му кажал ДА на Диего Симеоне за преселба на „Ванда Метрополитано“. Уругваецот се имаше договорено со Атлетико и во текот на јануарскиот преоден рок, но проблем претставуваше отштетата што ја бараше ПСЖ. Сега кога Атлетико нема да плати ниту евро за неговиот трансфер, напаѓачот ќе може да добие повисока плата.
Доаѓањето на Кавани ќе значи и заминување на Диего Коста, а се споменува дека од Мадрид би можел да си замине и Алваро Мората. Интер е во потрага по нов напаѓач, „нероаѕурите“ го прифатиле поразот во трката по Кавани, па сега најавуваат понуда за Мората, за кого овој трансфер би претставувал враќање во Италија, каде со успех го носеше дресот на Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

