Директниот пласман на Мундијалот 2026 за Македонија преку квалификациите стана покомплициран, откако вечерва во Скопје против Казахстан нашата репрезентација одигра само нерешено 1-1. Останува сега баражот, кој веќе во 99% е осигуран и преку Лигата на нациите, за пат „преку барата“ на СП 2026 во САД, Канада и Мексико.
Со многу осцилации во играта, со многу грешки особено во организацијата на нападите, националите не успеаја во мисијата да ги освојат трите бода против селекција, која дојде без притисок во Скопје, со оглед дека за нив овој циклус е завршен, кога станува збор за позицијата на табелата. За Македонија има и натаму минимални шанси да дојде до тоа прво место, ама за такво нешто ќе мора да се случи огромно чудо. А, за второ место ќе мора да не се загуби на гостувањето во Велс. Како и да е, Македонија баражот веќе речиси сигурно го има и преку Лигата на нациите.
Лош почеток имаше Македонија, или можеби е подобро да се каже дека Казахастан играше добро во првите половина час од мечот. Гостите беа мотивирани, растрчани, особено во средината на теренот каде што немаа проблем да стигнат во зоната на удар или центаршут на македонскиот гол. Од друга страна избраниците на Благоја Милевски повторно имаа проблеми во организацијата, како што беше пред неколку дена во Гент против Белгија. Средниот ред имаше многу проблеми да ја пренесе топката, нападот беше отсечен, а одбраната со многу работа.
Ќе беше незгодно ако Чесноков во таа 19. минута од средбата погодеше во голот на Димитриевски, откако од само 1-2 метри со глава го префрли голот. Казахастан имаше уште еден обид, одбраната на Македонија како да не знаеше како, па Киров од 25 метри упати сериозна закана, која за наша среќа отиде за малку крај голот.
Македонија се ослободуваше од притисокот, па доминацијата и поседот на топката се префрли на наша страна. Потоа дојдоа и трите шанси од еден напад на Македонија. Навистина е неверојатно што одбрани голманот Сеисен по обидите на Ристовски и на Велковски, за потоа Алими повторно со глава да ја упати топката само крај голот.

Евидентно беше дека ќе мора нешто да се менува во тактиката и во тимот на полувремето. Така селекторот Милевски на стартот од вториот дел смени формација во 4-3-3, и во игра ги уфрли Костадинов и Чурлинов, за да добиеме стабилност во средниот ред и да нападнеме по крилните позиции токму преку Чурлинов и Елмас кој се пресели на левата страна. И тоа е нешто кое даде плод, затоа што нашата репрезентација ја презеде контролата на играта, на топката, и веднаш имаше и шанса преку Милан Ристовски, ама Сеисен повторно беше концентриран и на место, го одбрани и овој удар на нашите репрезентативци.
Во миговите кога нашата репрезентација ја имаше контролата, Казахастан донесе шок и неверување на трибините во Скопје. Грешка на Димитриевски, а во мешаницата и лошата реакција на одбраната најдобро се снајде Караман кој ефектно, со ножички, ја затресе мрежата на Македонија за голема радост на гостите.
„Рисовите“ повторно ја вратија контролата и поседот на топката, и веднаш стигна нова шанса преку Костадинов, кој шутираше само покрај голот по центаршутот на Илиевски од десно. Нападите се редеа, ама до голот тешко се доаѓаше, а потоа израмнуање…
Кога не може од акција, може од прекин. МАГИЈА НА ЕНИС БАРДИ! Од слободен удар од 25. метри испрати проектил кој заврши во мрежата на Сиесен за израмнување. Ерупција од воодушевување, гол во вистински миг, имаше време да се дојде до посакуваната победа.
Благоја Милески уфрли на „се или ништо“ во финишот, па во игра во внесе и Александар Трајковски, за со искусен напад да ги бркаме трите бода. Се играше отворено на двете страни, како без среден ред. Македонија нападна да ги освои бодовите, додека Казахастан ја чекаше својата шанса од противнапади. По еден таков во 90. минута Казахастан можеше и да поведе, откако уидарот на Шушеначев заврши само крај голот.
Последната шанса Македонија ја имаше во четвртата минута од судиското надополнување, кога Серафимов не успеа да ја спроведе топката во мрежата по додавањето и акцијата на Елмас од десната страна.

МАКЕДОНИЈА – КАЗАХСТАН 1-1 (0-0)
Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 28.000.
Судија: Хуан Мартинез Мунура (Шпанија).
Стрелци: Барди 74’ (М) – Караман 54’ (К).
Ж. Картони: Алими (М) – Заинудинов, Каиров, Куат, Жумат, Сеисен (К).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Алиоски, Зајков, Велковски (46’ Костадинов), Стојчевски (75’ Серафимов), Илиевски, Алими (75’ Трајковски), Барди, Елмас, Миовски (46’ Чурлинов), Ристовски (62’ Растодер).
Селектор: Благоја Милевски
КАЗАХСТАН: Сеисен, Каиров, Касим, Алип, Вороговскиј (86′ Жагоров), Заинудинов (86′ Касабулат), Куат, Караман (70’ Калматов), Чесноков, Кенжебек (62’ Шушеначев), Свиридов (62’ Жумат).
Селектор: Талгат Баисуфинов
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

