Казахстан, последен тест пред заминувањето за Букурешт

Македонската репрезентација вечерва против Казахстан од 18 часот на националната арена „Тодор Проески“ ќе го има вториот и последен тест натпревар пред заминувањето на Европското првенство.

По ремито (1-1) со Словенија, избраниците на Игор Ангеловски во обид со победа да отпатуваат на ЕВРО 2020 како мотив повеќе за тоа што ги очекува во Букурешт и во Амстердам

Ангеловски вели дека Казахстан не е аутсајдер и има квалитетна репрезентација која може со секого да се надигрува. Токму поради тоа верува дека ќе биде квалитетен тест, и покрај тоа што ќе има извесни измени во составот во однос на претходниот натпревар со Словенија.

„Ќе го искористиме натпреварот како подготвителен тренинг меч. Казахстан не е во рангот на Лихтенштајн и Гибралтар. Имаат доста млади квалитетни фудбалери кои играат во домашната лига. За нивниот квалитет кажува и тоа што успеаја да одиграат реми против Украина во квалификациите за Светското првенство. Мислам дека ќе биде добра проверка“ – вели Ангеловски, и дополнува:

„Ќе излеземе во различен тим, но нема да биде целосен експеримент. Сите што се во мојот тим ќе добијат шанса за да конкурираат во тимот“.

Македонската селекција по денешниот натпревар, уште три дена продолжува со подготовките во Скопје, а потоа од 8. јуни се сели во својата база во Букурешт каде ќе се очекува првиот натпревар на ЕВРО 2020 против Австрија на 13. јуни.

Се вчитува...