Ќе дојде ли крај на постот: Влаховиќ два месеци нема гол за Јувентус

Доаѓањето на Игор Тудор на клупата на Јувентус значеше и враќање на првотимскиот статус на Душан Влаховиќ во нападот на „црно-белите“, но Србинот барем засега не ја оправдува довербата што во него ја покажува хрватскиот стратег.

Имено, српскиот репрезентативец е без гол за Јувентус во последните два месеци, откако последен пат стрелаше прецизно на 23 февруари, на дуелот против Калјари. Ако кај Мота не добиваше редовно шанса да влезе во голгетерски ритам, тоа воопшто не е случај кај Тудор. Хрватот упорно инсистира на Влаховиќ како на стартна опција во нападот, но Душан барем засега не успева да возврати на довербата.

Целата сезоната е крајно турбулентна за него, па Влаховиќ досега има само девет погодоци во Серија А, премалку ако се знае дека Србинот е убедливо најплатен фудбалер во целата Калчо-лигата.

Бројките се поразителни, јасно е зошто Јувентус нема намера да му ја израмни платата и да потпише нов договор, но и зошто Јуве ќе инсистира на продажба на Србинот летово, на 12 месеци пред истекот на неговиот договор. Проблемот е што – со ваква неефикасност и вредноста на Влаховиќ продолжува да паѓа, па неговата цена моментно изнесува околу 30 милиони евра, премалку ако се знае дека Јуве во јануари 2022 го доведе од Фиорентина во трансфер од вкупни 80 милиони евра.

Останува да се види дали голгетерскиот пост ќе биде прекинат вечерва, на гостувањето на „старата дама“ во Парма, меч на кој Влаховиќ повторно е најавен како стартер за „црно-белите“ од Торино.

Се вчитува...