Франција и Шведска ќе ги одмерат силите вечерва во второто полуфинале од СП 2023, меч на кој „триколорите“ ќе се обидат да ја прекинат серијата слаби резултати во дуелите со „трите круни“ од Скандинавија.
Иако Франција е подоминантна ракометна сила во последните петнаесетина години, вкупниот скор од само 18 победи на 56 меѓусебни дуели јасно покажува дека Шведска отсекогаш била крајно незгоден ривал за „триколорите“. Згора на тоа, Швеѓаните славеа на последните две полуфинални пресметки над Француците, со 32-26 на СП во Египет во 2021 и со 34-33 на ЕП во Будимпешта во 2022.
Проблем за домаќините е што најдобриот шведски ракометар, Јим Готфидсон, се повреди на четвртфиналниот дуел со Египет и нема да може да настапува до крајот на овој мундијал.
Отсуството на Готфридсон им ја зголемува самодовербата на Французите, кои по одличното второ полувреме во победата над Германија, се надеваат и на скалпот на актуелниот европски првак.
„Извлековме поуки од последните два порази од Шведска, ќе играме со ривал кој редовно ни создава проблеми. Знаеме дека борбата ќе биде жестока, дека атмосферата на трибините ќе биде пеколна, но ние ќе имаме што да кажеме на теренот во Стокхолм“, изјави францускиот селектор Гилјом Жил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА