Арсенал вечерва му гостува на Баерн Минхен во првиот меч од осминафиналето од Лигата на шампионите, дуел во кој „топчиите“ влегуваат свесни за непријатната традиција која вели дека лондонскиот клуб во претходните шест сезони редовно бил елиминиран токму во оваа фаза од елитното европско натпреварување. Лани на патот на избраниците на Арсен Венгер застана Барселона, а ждребот не им беше наклонет ниту сезонава, па „топчиите“ повторно налетаа на Баерн Минхен, тимот од кој беа елиминирани во 2005, 2014 и во 2015 година.
„Треба да ги заборавиме сите претходни натпревари, да го оставиме минатото зад себе и да се посветиме само на сегашноста. Тие секоја сезона атакуваат на титулата, но ние исто така поседуваме огромни квалитети. Добро е што реваншот го играме на домашен терен, но тоа малку ќе ни значи ако не одиграме добар меч вечерва во Минхен“ – изјави Арсен Венгер.
Францускиот стратег реши да се коцка, па така вечерва на голот на „топчиите“ повторно ќе се појави Оспина, што значи дека Петр Чех ќе остане на клупата за резерви на „топчиите“. Венгер поради повреди не може да смета на Рамзи и на Казорла, а главната дилема е дали да му даде шанса во стартниот тим на Жиру, или да се реши за подефанзивна формација, со Алексис Санчез како најистурен играч во нападот.
Баерн Минхен за вечерашниот дуел ќе биде без помошта на Франк Рибери и Џером Боатенг, но дури и без двајцата стандардни првотимци баварскиот гигант ја има фаворитската улога во оваа пресметка. Ланскиот меч во групната фаза во Минхен заврши со убедливи 5-1 за Баерн, а стрелците од таа средба (Милер и Робен по два, Алаба еден гол) ќе бидат стаартери на баварскиот гигант вечерва.
„За да се триумфира во ЛШ потребни се среќа и каарактер, но пред се неопходна е храброст. Нема да се фокусираме да не примиме гол, туку да го контролираме поседот на топка. Имам огромна почит за Арсен Венгер и неговиот стил на игра, но ние ќе сториме се за тој и неговите фудбалери да не се чувствуваат удобно вечерва во Минхен“ – истакна Карло Анчелоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА