Бернардо Силва беше херој на Манчестер Сити на синоќешниот реванш со Реал Мадрид, со два гола во првото полувреме најавувајќи ја убедливата победа на „граѓаните“.
Португалецот не го криеше воодушевувањето од резултатот и пласманот во големото финале, но ги подгреа гласините за неговото заминување од Сити на крајот од сезонава, одбивајќи да потврди дека ќе го испочитува до крај договорот што го има со англискиот првак.
„Одигравме одличен натпревар и заслужено победивме. Мојот втор гол? Знам дека сум низок, но секогаш добро се снаоѓам и во играта со глава, сега го докажав тоа и на еден исклучително важен натпревар. Дали ќе останам? Планот е да ја завршиме сезонава добро, со трофеј во Премиер-лигата, а потоа и со победи на финалните средби со Јунајтед во ФА Купот и со Интер во Лигата на Шампионите. Потоа, ќе видиме што ќе донесе летото“, истакна 28-годишниот Бернардо Силва.
Барселона во минатото покажуваше сериозен интерес за Португалецот, но ПСЖ е клубот што сега води во трката за негов ангажман, со подготвена понуда во висина од 70 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

