Андрес Иниеста не ја крие желбата да остане во Барселона до крајот на својата кариера, но шпанскиот ас е дециден и на фактот дека не планира да има епизодна улога во таборот на каталонскиот гигант. Договорот на фудбалскиот генијалец со Барса истекува во јуни 2018 година, па доколку двете страни не најдат заеднички јазик лесно може да се случи тој да си замине од „Камп ноу“. Разговорите се во тек, Јувентус будно ја следи ситуацијата и подготвува понуда, а Иниеста е дециден на ставот дека финансискиот аспект воопшто не е примарен во овие преговори.
„Потпишувањето на новиот договор воопшто не зависи од финансискиот аспект во преговорите. Постојат одредени лични работи поради кои сакам добро да размислам и да ја донесам вистинската одлука. Се уште сум во топ-форма, опуштен сум, ќе погледнам што ми нуди Барселона, а потоа и какви засилувања ќе бидат донесени во текот на летото. Тоа ќе ми биде добра база за донесување на одлуката. Сигурен сум само во едно, ако не играм за Барселона, нема да играм ниту против неа. Секогаш сонував да ја завршам кариерата овде, но и срцето и главата ми велат да почекам и добро да проценам“ – изјави Иниеста.
Шпанскиот беше резерва на голем дел од натпреварите под водство на Луис Енрике, кај кого предност добиваше Андре Гомеш, кој се наоѓаше во очајна форма. Ова се одрази врз настапите на Иниеста кога тој ќе беше стартер, па за очекување е шпанскиот репрезентативец да разговара и со новиот тренер Валверде пред да ја донесе конечната одлука за својата иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА