Босанскиот прволигаш Борац Бања Лука сака да го доведе офанзивецот на Вардар, Даниел Аврамовски, откриваат босанските медиуми. Раководството на клубот веќе остварило неформални контакти, а за деновиве е најавена и конкретна понуда. Борац Бања Лука исто така беше на подготовки во Анталија и одигра пријателски меч со вардарци, но на тој дуел Александар Васоски на теренот ги испрати младите сили.
Аврамовски оваа сезона е најдобриот играч на Вардар, на 18 натпревари постигна девет гола и имаше шест асистенции, а има двегодишен договор со „црвено-црните“. Сепак, јасно е и дека дел од ставките во договорите на вардарци не се испочитувани од раководството што доведе и до нервозни моменти на подготовките во Турција.
Даниел Аврамовски беше интернационалец во Црвена Звезда, Олимпија и во Војводина, а во македонското првенство играше и за Работнички и за Македонија ЃП.
Борац Бања Лука по првиот дел од сезоната во првенството на БиХ се наоѓа на третата позиција со 35 бода, еден помалку од лидерот Сараево.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

