Италија се уште е потресена по смртта на Џанлука Вијали, а дел од неговите поранешни клубови размислуваат за најралични идеи како да му оддадат почит на легендарниот голгетер.
Првиот човек на Сампдорија, Марко Лана, најави организација на „Трофејо Џанлука Вијали“, турнир на кој секогаш би играле истите четири клуба за кои екс-голгетерот настапуваше во кариерата – Кремонезе, Сампдорија, Јувентус и Челси.
„Целта е да се одржи сеќавањето на Џанлука Вијали уште многу, многу години… сите приходи би биле донирани во хуманитарни цели“, истакна Лана.
Во исто време, раководството на Кремонезе заедно со градските власти на Кремона ја разгледува опцијата стадионот во овој град да го носи името на Вијали. Починатата легенда својата блескава кариера ја почне токму во Кремонезе, каде што мина четири години и помогна екипата да влезе во Серија А.
Стадионот во Кремона сега го носи името Џовани Зини, поранешен голман кој починал за време на Првата светска војна, но Градоначалникот Џанлука Галимберти обелодени дека сериозно се разгледува опцијата во иднина оваа фудбалска арена да се вика Џанлука Вијали.
„Разговараме на оваа тема. Постои иницијатива од одреден број на луѓе што ја поддржуваме. Сепак, ќе треба да чуеме мислења од различни лица во градскиот совет пред да донесеме конечна одлука“, изјави Градоначалникот Галимберти за РАИ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА