Ќе се менува ваучер-системот, комисија ќе ги одредува добитниците и висината на сумите

Ваучер системот кој беше воведен како начин за помош во финансирањето на спортот ќе претрпи промени. ЕКИПА дознава дека измените ќе бидат во начинот на кој се одредуваат добитниците на ваучерите. Во моментов актуелна е опцијата за воведување комисија која ќе ги распределува добитниците и висината на добиените суми. Според наши информации ова решение е на барање на ДУИ.

Ваучер системот со задоцнување почна да функционира оваа година, првата поделба беше во текот на пролетта. Проблеми се појавија кога ваучери не добија ракометните и кошаркарските прволигаши. По нивните реакции беше донесена одлука за зголемување на сумата што ја овозможува државата за ваучери, но спроведувањето на проширувањето заглави во политички лавиринт. Дел од информациите велат дека имало внатрекоалициски разлики околу поделбата на сумата.

Ваучер системот е замена за претходното законско решение кое овозможуваше олеснувања при финансирањето во спортот. Клубовите, според критериуми кои ги пропиша Агенцијата за млади и спорт добија ваучери, а со нив од компаниите добиваат финансиска помош. На овој начин државата се откажува од дел од данокот на добивка.

Се вчитува...