Ќе се потсети ли МЗТ како е да се победува во АБА?

Предолго време мина од последниот триумф на МЗТ Скопје во АБА-лигата, извојуван на 16 октомври во Лакташи против Игокеа (98-106). Од тој дуел македонскиот првак нанижа дури десет порази во низа, го промени тренерот и половина ростер, па „металците“ се надеваат дека денеска (17 часот) токму против Игокеа ќе ја прекинат оваа „црна серија“. Добра вест за тренерот Лукајиќ е што Марко Симоновски е „фит“ по повредата, но стратегот на „металците“ го има само Мавра на плејмејкерската позиција по заминувањето на Павличевиќ, а репрезентативецот Дарко Соколов се уште е повреден.

Се надевам дека ќе ја прикажеме истата енергија како и на претходните домашни средби, на кои игравме многу подобро отколку на гостувањата. По дуелот со Задар ги засиливме тренинзите, работевме напорно бидејќи клучно е да ја кренеме физичката подготвеност за да влеземе со поголеми шанси за победа во завршниците. Игокеа е искусен тим предводен од Радивојевиќ, добро воигран бидејќи играчите подолго време настапуваат заедно. Наше е да продолжиме да ја креваме формата и со тоа да се обидеме да дојдеме до победа“ – изјави Лукајиќ.

Од спротивната страна, гостите сигурно ќе се обидат да се одмаздат за поразот од пред три месеци.

Нема да ни биде лесно, кошаркарите на Игокеа ќе влезат мотивирани, пред се поради желбата да ни се реваншираат за поразот што им го нанесовме во Лакташи. Ние сме во лоша ситуација, но тренираме добро, работиме максимално и верувам дека можеме да го совладаме незгодниот противник“ – истакнува Јордан Минчев, бугарскиот интернационалец во редовите на МЗТ Скопје.

Се вчитува...