МЗТ Скопје ќе се обиде да ги остави зад себе разочарувачките последни три месеци и да сврти нов лист со почетокот на 2017 година. „Металците“ по освојувањето на двојната круна во Македонија тотално разочараа на стартот од новата сезона, претрпеа максимални осум порази во Еврокупот, се наоѓаат на последното место и во АБА-лигата, па на тренерот Назор му е јасно дека мора што поскоро да се влезе во победнички ритам. Сепак, денешната задача не е нималку лесна ако се знае дека во Аеродром пристигнува Цедевита (17 ч.), актуелниот првак на Хрватска и тимот што сезонава веќе три пати ги совладуваше „металците“ (два пати во Еврокупот, еднаш во АБА).
„Најмалку што очекувам од дуелот со Цедевита е да го повториме пристапот и ангажманот од првите три четвртини од неодамнешната пресметка со Партизан, но овојпат тоа да биде во текот на сите40 минути. Ќе се обидеме со агресивност во одбраната и контрола на скокот да дојдеме до повеќе ситуации на реализација на лесни поени преку транзициј. Цедевита е исклучително квалитетна екипа, која во последно време игра одлично. Сепак, ние ги знаеме нивните слаби страни и ќе се обидеме да поставиме противигра со која би ги анулирале позитивните работи во нивната игра“ – истакна тренерот на „металците“ во пресрет на денешниот натпревар.
Назор се соочува со сериозни проблеми поради повредите на Лалиќ, Кларк и Ѓуроски, но добра вест за „металците“ е камбекот на Ксавиер Темс, американскиот плејмејкер кој за првпат ќе настапи на еден натпревар под водство на Назор како тренер на МЗТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА