Ќе успее ли Челси да ги замрси сметките на Јувентус?

Коло Муани ги игра последните натпревари за Јувентус по договорената позајмица од ПСЖ, челниците на „старата дама“ беа убедени дека ќе најдат заеднички јазик за да го договорат останувањето на францускиот напаѓач, но ситуацијата сериозно се компликува откако Челси реши да се вклучи во трката по овој фудбалер.

„Сините“ веќе го доведоа Делап од Ипсвич, но немаат намера да застанат, особено откако беше највено дека Џексон најверојатно ќе биде продаден летово, а на негово место се планира нов врвен голгетер. Екитике од Ајнтрахт е прва опција, но фактот дека германскиот клуб инсистира на 100 милиони евра отштета ги олади не само „сините“, туку и сите останати заинтересирани клубови за овој напаѓач.

Челниците на Челси токму поради ова решија вниманието да го насочат кон Коло Муани, кој играше во одлична форма во последните месеци откако се пресели во Јувентус. „Старата дама“ подготви понуда од 35 милиони евра не сакајќи да ја активира клаузулата од 45 милиони за автоматски откуп, што може да се покаже како големо промашување од сегашен аспект.

Имено, англиските медиуми најавуваат дека Челси без проблем би издвоил 50 милиони евра за потписот на Коло Муани, згора на тоа и би му понудил значително подобри услови на самиот фудбалер, кој би потпишал петгодишен договор со „сините“ од „Стемфорд бриџ“.

Коло Муани во моментов е фокусиран само на настапот на клупскиот мундијал, но секоја добра партија (постигна два гола на првиот меч) само дополнително ќе ја крева неговата цена… и ќе ги зголемува главоболките на челниците на Јувентус пред новата рунда преговори со ПСЖ.

Се вчитува...