Ќе вози 600 километри со велосипед и ќе собира храна за сиромашните

Бразилскиот голгетер Фред реши да го напушти Крузеиро и да се врати назад во Флуминенсе. Поранешниот репрезентативец на „кариоките“ се најде во центарот на јавноста со хуманитарната акција што реши да ја покрене токму со објавата за трансферот, откако Фред објави дека планира да извози 600 километри со велосипед, се со цел да се собере храна на сиромашните луѓе ширум државата.

„Моја цел е да соберам прехранбени продукти за 4.000 семејства на патот до тренинг-центарот на Флуминенсе. Таа акција ја почнувам од денеска“, порача Фред.

Во период во кој сиромашните имаат уште поголеми проблеми поради коронавирусот, фудбалерот се надева дека ќе помогне на уште поголем број на загрозени лица.

„Сметам и на сите вас на овој пат на солидарноста. Ќе возам велосипед, а вие донирајте нешто што имате во своите домови. Така сите заедно ќе се бориме за една поголема работа“, објави голгетерот.

Тој тргна на пат од местото Конгоњас и прва станица ќе му бидат клупските простории на Флуминенсе во Бело Хоризонте. Сепак, авантурата потоа ќе продолжи се до Рио де Жанеиро, Фред ќе вози велосипед, а со автомобил ќе биде следен од неговиот физиотерапевт.

Решивме да се возиме по споредни патишта, поради сообраќајот, но и поради фановите“, порача Фред.

Се вчитува...